Опасно е да се користат зимските гуми во лето


Опасно е да се користат зимските гуми во лето

На 15 март истекува законската обврска за поседување на зимска опрема во возилата. Но најголемата грешка што ја прават возачите е што продолжуваат да ги користат возилата со зимските гуми. Според некои груби проценки, дури една четвртина од возачите на овие простори одлучуваат да не ги сменат зимските гуми на крајот од зимата и продолжуваат истите да ги користат и во летни услови. Причини за ваквата одлука има повеќе, но најчесто распространети се две.

 

Првата е дека така ќе се заштедат пари, бидејќи летните гуми не се законска обврска, а другата е лошата информираност на продавачите на зимски гуми, кои пневматиците со ознака „М + Ѕ“ ги продаваат како гуми за сите сезони, што всушност е голема грешка.

Треба да знаеме дека со користење на зимски гуми во текот на летото, се влошуваат перформансите на автомобилот и се продолжува патот на кочењето, со што се намалува нивото на севкупна безбедност на патниците. Зимската гума е значително помека од летната, бидејќи во својот состав има силициум диоксид, што овозможува мекост дури и при ниски температури. Кога температурата ќе се зголеми, зимските пневматици стануваат претерано меки, а тоа ги прави лесни за прегревање и деформирање а се намалува и управливоста. Ова е потврдено и во многу независни тестови, кои покажуваат дека зимските гуми во споредба со летните, на суви подлоги, при температура од 20 степени Целзиусови и брзина од 100 km/h, имаат во просек за шест метри подолго растојание на сопирање. Ова значи дека кога автомобилот со летни гуми ќе застане, возилото со зимски пневматици се движи со 37 km/h! Со користење на зимски гуми во текот на летото нема да заштедите пари. Освен што ќе поминете помалку километри, бидејќи ќе Ви се потрошат побрзо, зимските гуми ја зголемуваат и потрошувачката на гориво. Нивниот дизајн создава поголем отпор при тркалање, а со тоа се зголемува и потрошувачката на гориво. Разликата може да изнесува и до неколку децилитри на 100 километри. Покрај тоа, поголемиот отпор на тркалање предизвикува и зголемување на температурата на гумите, со што се зголемува и веројатноста за оштетување. Ова е особено забележливо во текот на летото, при возење на автопат со голема брзина. Во вакви услови, зимските гуми се прегреваат и можно е да пукнат. Покрај тоа, зимските гуми се погласни од летните, особено на мазен и сув асфалт, што влијае врз удобноста во патувањето.